Габриел Атанасов



Габриел Атанасов


Габриел Атанасов е Амбасадор на Република Северна Македонија во Романија од 1 ноември 2018 година. Од Букурешт нерезидентно ја покрива и Република Молдавија. Тој е роден во Скопје, во 1974 година.


ПРОФЕСИОНАЛЕН АНГАЖМАН  

Како професионален дипломат од 1998 година, тој ја гради дипломатската кариера чекор по чекор. Во МНР работи на разни проблематики. На самите почетоци, краток период, во дипломатскиот протокол а потоа работи скоро три години во секторот за аналитика и истражување во едни кризни периоди (1999-2001). Има работено и на односи со јавноста. Навлегува во мултилатералната сфера кога заминува како трет секретар во Постојаната Мисија на Република Македонија при ООН и другите меѓународни организации во Женева, Швајцарија (2001-2005). Во МНР продолжува да ги следи меѓународните организации пред се ООН. Во Австрија ја имаше должноста прв секретар, а потоа и советник во Постојаната Мисија при ОБСЕ и ООН со седиште во Виена (2008 до 2012). Како заменик на постојаниот претставник за ОБСЕ, претседаваше со работните групи на Форумот за соработка во безбедноста за време на ротационото претседавање на земјата со овој важен Форум на ОБСЕ . Во периодот од 2015 до 2018 година беше испратен во Париз како министер советник а кратко потоа, ја презеде улогата на вршител на работите во нашата Амбасада во Франција, одговорен и за УНЕСКО. 

Во изминатиов период , преку разни ангажмани, најмногу време има посветено во земјата и странство на мултилатералната димензија. Бил член на разни меѓу ресорски комисии како претставник од МНР. Има учествувано и ја претставувал земјата на разни конференции и самити каде темите на дискусија биле од доменот на хуманата димензија, културата, економијата и привлекувањето инвестиции, франкофонската афилијација и вредности. Течно говори неколку официјални јазици на ООН и ЕУ. 

Меѓу поважните професионални ангажмани се вбројуваат и позициите: Национален координатор за Франкофонија како и личен претставник на Претседателот за Меѓународната Организација на Франкофонијата. Во овие рамки беше избран за претседател на мрежата на Национални координатори за Франкофонија од земјите на Централна и Источна Европа (2016-2018).


ОБРАЗОВАНИЕ

Амбасадорот Габриел Атанасов во 1998 година дипломира на политики науки во рамки на Правниот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј”, во редот на првата генерација студенти кои следат политички студии во независна Република Македонија. За време на студиите во 1997 година има престојувано еден месец во Рен-Франција. Во рамки на дипломатската едукација има следено три месечен курс на Институтот Клингендаел во Хаг (2000г.)како и еден месец тренинг на Институтот за јавна администрација во Париз (1999). Воедно, има реализирано во САД една меѓународна визитинг лидерска програма на Државниот департман на САД во траење од три недели (2009г.)