Амбасада на Република Северна Македонија во Романија

Најнови вести

Министерот Османи ја претстави МКартата, наменета за наши истакнати личности во странство

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес на конференција за новинари го претстави проектот МКАРТА, наменета за поединци со потекло од Република Северна Македонија, како симболично признание за нивниот несебичен ангажман во насока на промоција на државата надвор од нејзините граници. МКартата претставува признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјата кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажале истакнат успех, а со тоа и вистинска промоција на Северна Македонија во странство, нагласи Османи. „Како нивна родна земја сакаме да им изразиме благодарност, би рекол на симболичен начин - да им вратиме, да им ја компензираме нивната улога на промотори на земјава, преставувајќи не како земја од која доаѓаат успешни и квалитетни луѓе“,  додаде тој. „Во еден подолг минат период, голем број луѓе не само што ја имаат напуштено земјата, туку и имаат остварен посебен истакната професионален и општествен успех таму каде што се наоѓаат. Тоа се успешни доктори, научници, бизнисмени, културни работници итн., кои сакаме да ги привлечеме кон земјава, да им ја зајакнеме врската и да создадеме потенцијал за нивно поблиско вклучување во нашите општествени текови„, истакна Османи. Идејата е таквите поединци да бидат дел од една поширока мрежа која подлабоко би била вклучена во општествените текови во државата. Целиот процес поврзан со МКартата ќе го координира Министерството за надворешни работи. Со картата ќе се добијат и одредени бенефиции, како слободен влез на културни настани, музеи и галерии, би се добило предност при аплицирање за проекти во рамките на програмите за соработка на Министерството за надворешни работи со поединци и здруженија надвор од Северна Македонија, олеснето регулирање на престој во државата и поддршка во случај на нови бизниси кои се ствараат и слично. Во соработка со други Владини ресори, се работи на проширување на листата на погодности. Планирано е детектирањето на таквите личности да го започнат дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во странство, а доделувањето ќе се реализира во строго предвидена процедура водена во рамките на Министерството за надворешни работи.

Со меѓународен панел „Патот до Преспа форум за дијалог“ најавена големата меѓународна конференција во Охрид

Во клубот на пратениците во Скопје, денеска се одржа меѓународниот панел „Патот до Преспа Форум за Дијалог“, како воведен настан за претстојниот меѓу „Преспа Форум Дијалог“ кој ќе се одржи на 1-2 јули, о.г. во Охрид и Отешево. Домаќин на панелот беше Министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој во оваа прилика ја образложи целта и го презентираше концептот и основната идеја за Преспанскиот форум за дијалог. „Во основата на Преспа Форумот за Дијалог се наоѓа есенцијата на трите Договори по кои Северна Македонија се препознава како уникатен пример во поширокиот регион. Тоа се Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателството со Бугарија, како и Договорот за стратешко партнерство со Грција, познат како Преспанскиот договор. Во нив се препознаваат силни политички принципи и вредности кои имаат универзално значење: пред сѐ храбрите политички чекори во изградба на долгорочни и стабилни компромиси; суштинска примена на инклузивноста во надминување на разликите помеѓу различните групи; меѓусебното почитување, политичкото и дипломатско трпение, и пред сѐ позитивниот пристап во изградбата на пријателствата меѓу соседите во најшироката смисла на зборот.“ истакна Османи. Учесниците изразија поддршка и ја потенцираа важноста на иницијативата за формирање на Форумот. Со своите плодни дискусии тие дадоа нови идеи и предлози кои ќе бидат преставени во заеднички Регионален политички документ, со препораки за политиките во однос на политичкото, економско и социјално влијание на регионалните и билатерални спогодби во Западниот Балкан на претстојната Конференција на Преспанскиот форум за дијалог. На настанот, покрај домаќинот – министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваа и Флоријан Бибер, професор по историја и политика на ЈИЕ на Универзитетот во Грац, Јанис Армаколас од ЕЛИАМЕП, Весела Чернева, Заменик директор на ЕЦФР и раководител на канцеларијата на Европскиот совет за надворешни односи во Софија, Едвард Џозеф, професор на Универзитетот Џон Хопкинс од САД, Гералд Кнаус, Европска иницијатива за стабилност од Берлин, Дамир Марушиќ, Атлантски Совет, Иван Крастев, Центар за либерални стратегии од Софија, Велешка Еш, Апен Институт, Германија, Ерван Фуере, Центар за европски политики. Исто, така, беа присутни бројни претставници на државните институции, странските амбасади во земјата и претставниците на невладиниот сектор во државата. Преспа форум дијалогот преставува државен проект во организација на Министерството за надворешни работи, а под покровителство на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија. Станува збор за Конференција од меѓународен карактер, со импресивна листа на поканети гости, од кои голем број веќе го потврдија своето присуство, при што се очекуваат да дојдат премиери, министри од регионот и земји-членки на ЕУ, високи претставници на ЕУ и САД, но и претставници од останатите меѓународни организации.

Одбележување на 20 годишнината од Основниот политички договор меѓу Република Северна Македонија и Романија

Денес ја одбележуваме Спогодбата за пријателство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Романија, потпишана  пред 20 години во Букурешт, а со која се воспостави рамката за политичките, економските и односите во областа на културата. Нашите земји се силни партнери, а билатералната соработка уредена со Спогодбата продолжува и натаму да се развива. Во дваесетте години што изминаа од потпишувањето на Спогодбата бевме сведоци на многу настани од историско значење за двете земји. Во овие дваесет години исто така се продлабочија нашите билатерални односи, што е потврдено со бројни средби на сите нивоа, на кои се разгледувани најразлични прашања, почнувајќи од економските па сѐ до прашањата од областа  на научната, културната и образовната соработка. Уште од почетокот на сѐ уште актуелната пандемија на КОВИД-19, нашите две земји работеа заеднички со цел да ги ублажат последиците од пандемијата за граѓаните. Би сакале да ја искористиме оваа прилика уште еднаш да ја нагласиме важноста на процесот на проширување на Европската унија. Во овој контекст, Република Северна Македонија и Романија ги користат сите форми за соработка, вклучително и Меморандумот за соработка во областа на европската интеграција,  потпишан во 2019 г. Цврсто сме убедени дека европскиот проект ќе биде успешен само со пристапувањето на земјите од Западниот Балкан, како и дека европската стабилност и безбедност во голема мерка зависат од успешната интеграција на овие земји. Исто така, имаме интерес за градење на силни и продуктивни односи во рамките на НАТО, засновани на нашите заеднички стратешки и безбедносни интереси. Република Северна Македонија и Романија исто така заеднички работат во рамките на регионалната соработка, која пак има суштинска улога во однос на стабилноста и одржливиот развој на нашиот Регион. Убедени сме дека нашите идни односи ќе бидат уште посилни и поблиски и дека уште повеќе ќе ја зајакнеме и ќе ја прошириме нашата соработка на повеќе полиња. Натаму, веруваме дека јакнењето на економските врски и трговијата меѓу нашите две земји наскоро ќе резултира со реализација на реалните потенцијали во овие области. Република Северна Македонија и Романија исто така особено ги вреднуваат и унапредуваат нивните малцинствата по род како и етничките заедници и нивниот етнички, културен, јазичен и верски идентитет. Преку градење на цврсти и долготрајни мостови за соработка меѓу нашите две земји, тие ќе продолжат да го даваат најважниот придонес кон нашето трајно пријателство.

Туристички дестинации

Манастир Јован Бигорски

Шарена Џамија, Тетово

Залив на Коските, Охрид